Posted by Frosina on / 0 Comments
Се будеше и стануваше пред да изгрее сонцето. Ќе го измиеше избразденото, жолто лице со ладна вода, ќе ја исчешлаше сребрената коса од години, болки и разделби со своите деца и така сплетена во плетенка, со патец по средината на главата, мирно и тивко, како свеќа што догорува, ќе застанеше пред иконата. Ќе го запалеше кандилото и неговото пламенче ќе блеснеше во нејзините очи. Иконата ќе се огледуваше во нив, и тие во неа…
И секогаш беше облечена во црно. Рацете со златните прстени, како клопче од жолта срма, едвај видливо ќе затрепереа под срцето. Очите ќе се раширеа, зениците ќе гореа и погледот ќе и’ потонеше во бесконечните пространства што ги насетуваше во очите на Божјата мајка. Молитвата беше оган што ја обземаше нејзината душа, телото и’ гореше и мислата како нож ги сечеше зборовите – така отпочнуваше утринската молитва.
Стуткан под топлата црвена јамболија, низ едно мало дупче што го бев оставил над прекриената глава, ја слушав мајка ми и ја гледав. Некои од зборовите не ги дослушував до крај и не ги разбирав. Гледав како нејзините склопени раце и подигната глава кон иконата треперат и по секој збор што влегуваше низ матната утринска светлина низ кривиот прозорец, следуваа воздишки што прилегаа на тешки камења кои паѓаа во темен, длабок бунар. Од него до мене допираше нивното ехо…
Тоа беа мигови што ја допираа вечноста!
Што е тоа молитва? Според Јован Дамаскин, тоа е ‘воведување во умот на Бога’ или ‘самата душа на верата’. Според Фрајздик – ‘отворање на срцето пред Бога’, а според Рајхнер – ‘одговор на вечната Божја љубов’. Хајлер тврди дека низ молитвата се овозможува средба со Бог ‘лице в лице’. Гледано од аголот на теологијата, користењето на молитвата ја претпоставува божествената присутност во човековото искуство. Мотивите за молитвата можат да бидат различни – од желбите за материјална корист, до надежта за мистично соединување со Бога. И нема таков религиозен систем во кој до сега познатите цивилизации не ја користеле молитвата. Молитвата во христијанската филозофија има Библиска подлога, има сопствено Време, Начин и сопствен Облик.
Дали живописецот има сопствена молитва и која е таа?
Секојдневието што го живееме ‘врие од мотиви како од пеколот’. И окото не може да се нагледа и увото не може да се наслуша – раѓања и умирања, глад, страдања и војни, демократија и граѓани, убиства и самоубиства – мрачен, долг тунел без било каков знак на макар и замислена светлина!
И од сите тие нешта денешниот живопосец создава слика, која, на крајот на краиштата, ќе мора да ја слави убавината! А каква е неговара убавина? ЖИВ РАСПОРЕД ВО ИЗБРАНИОТ ПРОСТОР, ТОЧНА И ПРЕЦИНА МЕРКА, СВЕТЛИНА И ТЕМНИНА ВО ПРОСТОРОТ, ОНОЈ ОДНАДВОР И ОНОЈ ОДВНАТРЕ. БОЈА ШТО ИСТЕКУВА ОД НЕГОВАТА КРВ. БЛЕСОК НА МОЛЊА ВО ПОТЕГОТ И ЈАСНА МИСЛА ШТО СО НЕВИДЕНА БРЗИНА СЕ ДВИЖИ НАНАПРЕД И НАНАЗАД НИЗ ВЕКОВИТЕ, СОБРАНИ ВО СЕКОЈА СЕКУНДА ОД НЕГОВОТО ПОСТОЕЊЕ ШТО ИСТЕКУВА НЕПОВРАТНО!
На Маслиновата гора, во Гетсеманската градина, таа ноќ Учителот уште еднаш клекна да се помоли. Неговите ученици беа заспале. Тој сам, во длабока тескоба пред претстојната мака и смртта на крстот, испотен со крвава пот, молеше: ТАТКО, АКО Е ВОЗМОЖНО, НЕКА МЕ ОДМИНЕ ОВАА ЧАША. НО НЕКА НЕ БИДЕ СПОРЕД МОЈАТА, ТУКУ СПОРЕД ТВОЈАТА ВОЉА. И молитвата на вистинскиот живописец прилега на молитвата на Учителот. Да, зошто низ делото што го создава, се остварува неговата божествена промисленост, според која тој е само ‘сон на сопствената животна сенка’.
Виденото треба да се обмисли. Чуеното да се одживее. Единството на спротивностите треба да изгради хармонија под сите знајни и незнајни созведија. А со смртта треба да се разговара во секој миг, за да се насети внатрешниот мир и убавината во него. Така Времето, Начинот и Обликот на молитвата што во себе ја изговара живописецот, не ја одминуваат понудената чаша. А таа бива испиена според Неговата воља и тука некаде, само искушенијата, премрежјата и страдањата пред живата слика отстапуваат од теолошкиот аспект на христијанската молитва. (‘И прости ги долговите наши, како што ние им ги простуваме на должниците наши’.)
Живописецот е вечно должен пред својата дарба. И ако при тоа неговото дело е навистина живо и по неговата земна смрт, тоа ќе патува низ вековите и постојано ќе не’ задолжува…
Не ги разбирав до крај зборовите на мајка ми во нејзината утринска молитва, но и до ден денс во мене татне ехото на нивното пропаѓање во бесконечниот, темен бунар на нејзината душа. Како да се наслика Таа Слика? И низ која молитва, а челото да не биде оросено со крвава роса?
ВГ