Posted by Frosina on / 0 Comments
Во сликарската уметност портретот е една од насложените и најтаинствени дисциплини. Низ неа, сликарот – доколку е вистински мајстор – одново го пресоздава својот модел, „крадејќи ја неговата душа“. Таквиот портрет прераснува во слика – сновидение за севкупното неизвесно човеково живеење…
„Кога сликам портрет, јас го одгонетнувам раѓањето на мојот модел, детството негово го следам; низ младоста негова ја насетувам неговата судбина, претскажувајќи го неговото заминување од овој свет“ – така зборува Франциско Гоја во еден од есеите на Иво Андриќ.
Уметноста на портретот, во своите почетоци, е врзана за смртта, за „отрајувањето“ на покојникот. По својата формална иконографија, таа може да се заложи за репрезентативниот портрет – портрет што глорифицира, интимен, психолошки и имагинативен. Низ портретот, вистинскиот сликар, скулптор или графичар ја создава онтолошката структура на битието; тој чин наликува на чинот кога бог, создавајќи го човекот, му вдахнува бесмртност. Така, портретот – слика не го признава времето и просторот кога е создаден, напротив – во него, низ композицијата, цртежот, бојата и светло-темното, престојуваат сите времиња. Да се пресоздаде раѓањето и смртта на портретираниот, значи да се има Божествена светлина во дарбата!
Низ историјата на човештвото и неговата драма во неа, речиси да не постои цивилизација и кутура која своите најдлабоки размислувања за „човекот како ремек-дела на природата, но и на квинтесенцијата на правот“ не ги искажала низ уметноста на портретот.
Портретот кај мајсторите од древните цивилизации, Асирската, Египетската, Сумерската и оној на Хелинистичката уметност е жива, возбудлива слика за душата човекова; и за ликот нејзина – оној однадвор, но и оној од внатре. Така, дарбата низ нејзината божествена светлина создава портрет(-)слика; тие слики, сосема извесно го бележат изминатиот пат на човекот, како пат низ кој поминал Хомо-Анимус…
Портретската уметност умеела и умее соодветно да се реализира и во просторите на одредена политика и идеологија. Се разбира, под услов да се почитува сопствената творечка личност и нејзината моќ на пресоздавање. Веласкез ќе го наслика Филипа Втори – еден од најтемните шпански владетели, со сета сопствена резигнација, создавајќи човек, а не монструм. Давид ќе го глофирицира малиот корзијанец Наполеон, но нема да потклекне под своите сликарски закони.
Кога творецот ќе ја продаде и прегази сопствената личност и до земја ќе и’ се поклони на политиката, тој го обзнанува сопственото проклетство не само пред времето во кое живее, туку и пред времето што доаѓа. Таканаречената политичка припадност – припадност кон една партија и нејзината програма – е сосема веројатно пропратена со соодветен статус на сликарот што и’ припаднал, а кој не е во состојба да создаде портрет-слика. Причините се бројни…
Портретската уметност ги познава и тие мрачни премрежја и искушенија пред кои потклекнале голем број на творци. Тоа е судбината на еден Суриков. Неговиот „Ленин“ е само парола, транспарентен и гол политички плакат. Такви се портретите на Хитлер, Сталин и Франко… Тоа се состојби кои нивните творци ги проколнуваат, прекривајќи ги со заборав. Но, токму таквото проклетство може да биде опасно за осознавање на вистинските значења на портретот, доколку во еден миг порасне во „единствената вистина“. Обзнанет како „вистинска уметност“, политичкиот портрет е болест за која речиси да нема лек, сем(освен) здравата критичка мисла што не ги заборавила ремек-делата создадени во оваа уметност!
Што губи сликарот што се „прославил“ низ ваквиот портрет? Себе си. Ја губи сопствената духовност, имагинацијата, фантазијата и мислата. Го губи правото на вистински творечко постоење. Неговата композиција е безлична, цртежот е гола фактографија, бојата ја губи внатрешната содржина, а светло-темното му е потполна непознаница.
Точно е дека времево што го живееме е филозофија на стомакот, што ќе рече, филозофија на гробот и црвите во него, но, точно е и тоа дека на вистинскиот творец токму таа филозофија може да му биде модел за живи дела. Се разбира, доколку целиот припаѓа на себе си и на дарбата што ја поседува. Конечно, портретот како жива слика кај Микеланџело, Леонардо, Тицијан, Холбајн и Дирер, Веласкез, Ел Греко и Гоја, кај Ван Гог и Пикасо, се вистинските патокази на Духот, што ја слават светлината, не темнината. Пред нивните содржини и човечкиот лик, пред се, оној внатрешниот, е сеуште неодгонетната Боголикост…
Ете зошто Дарбата со својата божественост може да го распне Творецот, но и да го воскресне: ако ја продаде, таа ќе го проколне, бришејќи го од неговото време и од сите други времиња.
ВГ
Текстот прв пат е објавен во книгата “Дијалози со Владимир Георгиевски”, Надица Смилевска, Дијалог, 2006